Кај примарниот ОА (остеоартритис) се смета дека преголемите товари предизвикуваат оштетување на инаку здравиот зглоб. Рскавицата се оштетува уште на почетокот и тоа на централни места, со мали дефекти кои се викаат фисури, како и поголеми микрофисури односно пукнатини. Постепено тие пукнатини од површината се зголемуваат и поголеми регии од зглобот остануваат без рскавица, а притисокот се пренесува врз субхондралната коска. Промените се на места каде што има најголемо оптоварување. Доаѓа до стврднување на коската и формирање на остеофити (шилци) – маргинални или централни, а во самата коска можат да се создадат празнини – цисти.